Грасрут фудбалот е основа на професионалниот фудбал. Самиот збор Грасрут е англискиот израз што посочува на „корените“ на фудбалската игра. Се' што не е опфатено со професионалниот фудбал е дел од Грасрут филозофијата, па така голем дел од фудбалскиот спорт всушност се однесува на Грасрут фудбалот. Грасрут опфаќа најразлични облици на фудбалска игра за различни групи на учесници. Акцент се става на најмладите кои допрва се запознаваат со тајните на фудбалската игра и тоа во духот на Фер-плејот и меѓусебното почитување. ФФМ е членка на УЕФА Грасрут Чартерот од 2007 година и има статус на земја членка со две ѕвездички. Еден од најважните Грасрут настани е „УЕФА Грасрут Денот“ што се одржува ширум Европа. Интересно за овој турнир е тоа што се организира секоја година блиску до одигрувањето на финалните натпревари од УЕФА Лигата на шампионите и вклучува огромен број на учесници. „Грасрут“ турниорт се одвива според правилата на Европската куќа на фудбалот (УЕФА), а организатор на ова натпреварување во нашата земја е ФФМ. Оваа година како домаќин на „Грасрут“ денот за прв пат беше избран градот Охрид. Овој статус градот Охрид го заслужи со добрата организација на Детската фудбалска лига – Југозападен регион. Покровител на манифестацијата беше општина Охрид. Преку 130 деца од фудбалските школи во регионов учествуваа на овој еднодневен турнир што заради временските прилики се одржа во Спортската сала на СРЦ Билјанини извори. Изјави за медиумите дадоа дел од организаторите на турнирот. - Ова е само почеток на нашата соработка со Охрид. Временските услови не не послужија па затоа се префрливме в сала. Но, и таму можеме да забележиме дека не изостанаа дружењето, забавата и головите – потенцираше “Грасрут“ менаџерот, Бојан Марковски. - Голема благодарност до Општината Охрид која заедно со Фудбалската федерација на Македонија го организира „Грасрут“ настанот. Охрид не е случајно избран за домаќин на ваков настан. Ова е еден вид награда за сработеното во Детската фудбалска лига во југозападниот регион, која зема се поголем замав – рече координаторот на лигата, Наум Јанкуловски. - Охрид во иднина ќе биде домаќин на повеќе вакви настани како што е „Грасрут“. Ние како Општина ќе направиме се Охрид повторно да го добие стариот спортски сјај – рече секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески, кој ја имаше таа чест да го отвори турнирот.